Калифорниски затвореници, вклучувајќи сериски убијци и осуденици на смрт, примиле стотици милиони долари од владините фондови за заздравување од пандемијата на коронавирусот, во една од најголемите измами во историјата на оваа американска сојузна држава.
„Истражителите кои биле алармирани од нелегалните пријави за невработеност испратени од затворите откриле десетици илјади пријави во име на затвореници. Стотици милиони долари, што би можело да порасне и до една милијарда, веќе се уплатени во нивно име. Ова е една од најголемите измами со државните пари во историјата на Калифорнија“, изјави јавната обвинителка на округот Сакраменто, Ен Мари Шуберт.
Досега е потврдено дека 140 милиони долари се уплатени на 20.000 затвореници од март до август, но Шуберт вели дека вистинската цена на измамата ќе биде далеку повисока. Околу 130 осуденици на смрт примиле вкупно 420.000 долари, меѓу кои е и Вејн Форд, кој убил четири жени во 1998 година.
„Да бидам искрена, затворениците се подбиваат со нас“, кажа Шуберт.
Повеќето од затворениците користеле вистинско име, адреса и број на социјално осигурување за да добијат дебитна картичка, што на жителите на Калифорнија им беше испраќана дома, според владината шема за помош на невработените. Шуберт појасни дека измамата била можна зашто Калифорнија не ги споредила имињата на затворениците со пријавите за невработеност.