МАРАДОНА БУКВАЛНО Е БОЖЕСТВО ВО АРГЕНТИНА, НЕГОВАТА ЦРКВА ИМА И СВОЈ БОЖИЌ И ВЕЛИГДЕН

    МАРАДОНА БУКВАЛНО Е БОЖЕСТВО ВО АРГЕНТИНА, НЕГОВАТА ЦРКВА ИМА И СВОЈ БОЖИЌ И ВЕЛИГДЕНАргентинците од утрово му оддаваат почит на Марадона, чие тело во наредните три дена ќе биде изложено во претседателската палата во Буенос Аирес (Фото: Ројтерс)

    Вообичаено е ако му се восхитувате на еден фудбалер да носите негов дрес, но тројца Аргентинци отидоа многу подалеку во своето обожавање на Диего Армандо Марадона, кој почина вчера на 60 години од срцев удар.

    Ектор Кампомар, Алехандро Верон и Ернан Амес во 1998 во Росарио ја основаа Иглесија Марадонијана или Црквата на Марадона, буквално претворајќи го еден од најголемите фудбалери на сите времиња во божество.

    „Нашата религија е фудбалот и како секоја друга религија, таа мора да има бог. Ние никогаш нема да ги заборавиме чудата што Марадона ги покажа на теренот и духот што го разбуди во нас, фанатиците“, вели Верон.

    Црквата на Марадона денес има над 120.000 регистрирани членови во над 130 држави.

    „Нашата црква не е зграда. Нашата црква се луѓето лојални на Марадона“, вели Амес.

    Црквата патува низ Аргентина, пренесувајќи ја колекцијата предмети кои го возвишуваат Марадона. Таа има свои десет божји заповеди, а свој Божиќ одбележува на 30 октомври, денот на раѓањето на Марадона. На 22 јуни се одбележува Марадонин Велигден, со кој се потсетува на неговите два гола против Англија на Светското првенство во 1986: првиот даден со рака, а вториот прогласен за најубав во мундијалската историја.

    Аргентинците од утрово му оддаваат почит на Марадона, чие тело во наредните три дена ќе биде изложено во претседателската палата во центарот на Буенос Аирес. Се очекува милион луѓе да поминат низ Каса Росада.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира