Со 61 глас „за“, Собранието попладнево ја избра Добрила Кацарска, судијка за организиран криминал од Основниот кривичен суд Скопје, за нов уставен судија.
Кацарска е предлог на Судскиот совет и доаѓа на местото на судијата Владимир Стојановски кому му истече мандатот во април, среде пандемија и вонредна состојба. Тој се врати во Врховниот суд, откај што беше избран за уставен судија пред 9 години.
Кацарска е судија 30 години. Покрај од кривичната, судела и предмети од граѓанската област. Од предметите на СЈО и од оние од висок јавен интерес на редовното ОЈО за организиран криминал, позната е по судењата „Тенк” , „Триста”, „Транспортер”, „Поткуп”, „Организиран напад на Собранието на 27 април 2017 година”. Последниве две судења беа со 30-тина обвинети, но таа одамна ги заврши.
На собраниската расправа за нејзиниот избор, на 4 ноември, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дојдоа со транспаренти, маички и свирчиња да протестираат против предлогот судијката Добрила Кацарска да биде избрана за член на Уставниот суд.
Денеска беа избрани и пратениците Горан Мисовски од НСДП и Фадил Зендели од Беса за потпретседатели на Собранието.
С. К. ДЕЛЕВСКА