НЕ Е ИЗНЕНАДУВАЊЕ ГОЛЕМОТО КОЛИЧЕСТВО ОТКРИЕНИ ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, БИТОЛА БИЛА БАЛКАНСКИ ВЕРДЕН, ВЕЛИ ИСТОРИЧАРОТ ВАСКО ГИЧЕВСКИ

    НЕ Е ИЗНЕНАДУВАЊЕ ГОЛЕМОТО КОЛИЧЕСТВО ОТКРИЕНИ ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, БИТОЛА БИЛА БАЛКАНСКИ ВЕРДЕН, ВЕЛИ ИСТОРИЧАРОТ ВАСКО ГИЧЕВСКИКај стадионот во Битола досега се пронајдени 5.000 гранати и се верува дека има уште 10.000 под земјата. (Фото: СДК.МК)

    Не е изненадување големата бројка на откриени гранати во Битола, ако се има предвид дека градот бил балкански Верден со над 13.000 проектили и според првичните проценки, над 15.000 се останати од Првата светска војна, вели историчарот Васко Гичевски.

    „Замислете кон колкави бројки на муниција нѐ наведуваат овие податоци. Не за џабе Битола е балкански Верден и познат низ Европа како град страдалник“, вели тој.

    Се верува дека гранатите се останати од германско-бугарските војски при повлекувањето од Битола. (Фото: Архивски фотографии)

    Гичевски посочува дека иако има толку многу оставена муниција, на овие територии никогаш не била спроведена темелна акција за чистење на остатоците од војната. Она што било на површина било отстрането, но никој не обрнал внимание на она што било закопано при повлекувањето на војските или, пак, сметале дека е побезбедно да остане таму каде што е – под земја.

    Кај стадионот во Битола досега се откриени над 5.000 гранати, се наѕираат уште толку, а пиротехничарите сметаат дека и во подлабоките слоеви има уште 5.000. Тие се останати од Централните сили, поточно германско-бугарските војски при повлекувањето од Битола.

    „На овие територии никогаш не била спроведена акција за темелно чистење на остатоците од војната“, вели Гичевски (Фото: СДК.МК)

    „Тоа се неупотребени експлозивни средства, но без осигурачи. Видовме и дека се истурени на купишта. Тоа веројатно е направено при повлекување од градот, кога влегуваат силите на Антантата. Соочувајќи се со фактот дека не можат со себе да носат масивни количини оружје, војските на Централните сили решаваат тоа што не може да се пренесе, да се стави под земја, да се неутрализира на еден начин, за истото да не биде искористено против нив кога Антантата ќе го заземе градот“, смета Гичевски.

    Додава дека може да се очекува во Битолско да се пронајдат различни видови проектили, рачни бомби, па и проектили со боеви гасови и пешадиски мини, кои масовно првпат почнале да се употребуваат во Првата светска војна.

    Гранатите биле закопани под земја за да не паднат во рацете на непријателските војски (Фото: СДК.МК)

    Од вилаетски центар со четири печатници, 14 фабрики и стотина занаети, Битола по војната станала руина, опожарена, разрушена, разграбена. Низ градот се ширеле зарази, буквално бил уништен во секоја смисла. Не страдал само градот, туку и сите села во околината. Десетици села биле уништени, раселени, имало страшни миграции. Битола скоро никогаш нема да се врати на стариот сјај. Биле разурнати над 2.000 објекти, со што градот трајно загубил голем дел од своето културно наследство, посебно од османлискиот период. Еден од тие разурнати и непостоечки објекти е Црвената касарна, која се наоѓала кај денешната спортска сала“, вели Гичевски.

    Во војната не биле поштедени ни децата. Најмладиот војник во Првата светска војна бил битолчанецот Михаило Зега, фотограф, кој бил и чирак на Милтон Манаки.

    Како интересен факт од своите истражувања Гичевски го издвојува тоа што во текот на војната населението за првпат видело како се игра фудбал. Војниците во слободно време знаеле да практикуваат спорт. Населението во овој период првпат помасовно се запознало и со земјоделската култура домат. Научило дека не се конзумираат зелени, како дотогаш што ги јаделе, туку црвени и свежи. Во околината постоеле привремени воени аеродроми, од кои еден француски бил сместен во селото Бач.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира