Зградата на јавната администрација во Струмица фати пајажина, додека се чека во неа да се вселат вработените од подрачните единици на УЈП, Агенцијата за катастар, Одделението за имотно правни односи и Управата за матична евиденција. Пред шест месеци, сегашниот министер за финансии Кирил Миноски, а тогаш директор на УЈП, заедно со директорот нa Имотно правни работи Зоран Крстаноски ја предадоа во функција поранешната полициска зграда, реконструирана во барок стил и наменета за државните службеници. Станува збор за објект од 2.200 метри квадратни за чие реновирање и адаптација, беа потрошени околу милион евра народни пари.
Во меѓувреме, речиси сите институции кои требаше да се преселат во новиот објект, кубурат со простор. Со последните вработувања, канцелариите се преполни и нема услови за нормално функционирање на службите истакнуваат вработените кои немаат информација кога ќе бидат преселени во новиот објект.
„Немаме информација кога ќе не преселат во новата административна зграда. Требаше летово. Демек се уште не била стасана новата канцелариска опрема. Најверојатно до нова година остануваме во сегашните простории“, коментираат вработените од УЈП Струмица.
Во април годинава, Владата најави дека за два месеци ќе биде набавена канцелариската опрема и во јули државните службеници од четири институции ќе се преселат во новиот објект каде струмичани на едно место ќе ги завршуваат работите. Од подрачните одделенија на четирите државни институции немаа информација дали е набавена канцелариската опрема и кога ќе се преселат во барокната зграда, каде според најавите на владините преставници од април, граѓаните на едно место ќе добиваат услугите и ќе ги извршуваат своите работи.
Во подрачните одделенија на УЈП, Агенцијата за катастар, Одделението за имотно правни работи и Управата за матична евиденција во Струмица работат околу 150 лица.