Почна расправата за измена на Собранискиот деловник за можност за онлајн дискусии и работа на пратениците кои се заразени или се во изолација од коронавирус, што ги предложи претседателот Талат Џафери, но сопре во стартот.
Опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса/Алтернатива, поднесоа 3.000 амандмани и ја блокираа работата на Мандатно-имунитетната комисија. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која поднела 1.300 амандмани останува на барањето дијалогот за измена на Деловникот да се води во рамки на иницијативата Жан Моне, а не вака насилнички според нив, само да се покрие тесното мнозинство од 61 пратеник на СДСМ и на ДУИ.
„Класичното блокирање на Деловникот со огромен број нелогични амандмани уште еднаш го покажува вистинското лице на опозицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Жално е што пратениците потклекнаа на притисокот на партиското раководство и соучествуваат во блокирано или Собрание кое ќе работи со сопки и уцени. Жално е за граѓаните кои заслужуваат функционални институции, институции кои ги решаваат нивните проблеми, а не блокирани институции. Срамно е за државата заради деструктивната опозиција да биде единствената држава во светот без можност за ваков начин на работа на Собранието“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.
Тој вели мнозинството и натаму ќе бара начин за да се обезбеди функционалност на Парламентот и покрај тоа што пандемијата е во најлошата димензија од март.
„Користење на ситуации со заразени или пратеници во изолација за остварување на теснопартиски интереси граѓаните го препознаваат и тоа ќе го казнат. Ние и понатаму ќе бараме начини за да обезбедиме функционалност за да помогнеме на граѓаните со носењето на економски мерки кои ќе помогнат во ублажувањето на ударот од пандемијата“, вели Митрески.
„Досега, еднаш се случило Деловникот да се измени без опозицијата, во времето на Никола Груевски. Ако сакате да го вратите груевизмот, изменето го деловникот на своја рака. Сметаме дека со доволно амандмани, ќе бараме сè да се одвива со консензус“, рече денеска пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива.
Пратеникот Арбен Зибери од ДУИ стравува од блокада на Собранието и недонесување на Буџетот за 2021 година.
„Не можеме да бидеме заложник на опозицијата и да ја блокираме работата на Собранието. Сите сме луѓе и секој може да биде заразен со вирусот. Целта е Собранието да работи без пречки затоа што има некои закони кои што треба да бидат усвоени, посебно Буџетот. Се разбира дека единствената идеја е функционално собрание”, рече Зибери, кој прележа коронавирус, а мораше еднаш да дојде и да гласа во посебна кабина во Собранието.
Со предвидените измени, пратеник кој е заразен со ковид-19 и поседува решение од надлежните органи за изолација (Институтот за јавно здравје), ужива право да се вклучи во дебати и да гласа од дома. Зибери рече дека оваа мерка не важи за пратениците кои боледуваат од други болести или од сезонски грип и за владините претставници при образложување на законите или разгледување на амандманите.
С. К. ДЕЛЕВСКА