Велика Британија и Македонија денеска потпишаа Спогодба за партнерство, трговија и соработка, со која се зајакнува трговскиот однос помеѓу двете земји. Тие лани оствариле трговска размена во вредност од 1,8 милијарди фунти, со што Македонија е најголемиот трговски партнер на Велика Британија од Западен Балкан.
Спогодбата ќе ги зајакне меѓусебните економски, политички, безбедносни и културни врски и ќе им овозможи на британските бизниси да продолжат да тргуваат на начин на кој и денес го прават тоа.
„Слободната и фер трговија е од витално значење додека работиме на економското закрепнување од коронавирусот и затоа сум воодушевен што денеска ги зацврстивме нашите трговски односи со Северна Македонија. Оваа спогодба дава сигурност за деловното работење во двете земји и ја покажува нашата посветеност да ги зајакнеме нашите силни трговски врски со Северна Македонија и Западен Балкан“, изјави британскиот министер за трговија, Ранил Џајавардина.
Според британската амбасадорка Рејчел Галовеј, по пристапувањето во НАТО, оваа спогодба е уште еден позитивен чекор во зајакнувањето на односите помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија.
„Северна Македонија нуди големи можности за компаниите и инвеститорите од различни индустрии од Обединетото Кралство, додека потпишувањето на оваа Спогодба означува нова ера на зголемени инвестиции во нашите економии. Обединетото Кралство останува посветено на евроатлантскиот пат на Северна Македонија и ние ќе продолжиме да бидеме обединети како сојузници во НАТО“, кажа Галовеј.
Најголемиот извоз на Обединетото Кралство во Македонија биле обоени метали (1,1 милијарда фунти), неоргански хемикалии (77 милиони фунти) и текстил (четири милиони фунти), додека во спротивна насока имало најголем увоз на метални руда и отпад (49 милиони фунти), облека (16 милиони фунти) и мебел (13 милиони фунти).