Леб и сол ќе јадеме отколку тутунот за џабе да го дадеме. Вака коментираа тутунарите од струмичко кои денеска се собраа и протестираа во населеното место Градашорци, гневни за лошата проценка на тутунот по класи од годинашнава реколта. Тврдат дека за квалитетен тутун од високите берби добиваат трета класа чија цена изнесува околу 150 денари, додека за 4 класа околу 80 денари. Најавија дека нема да го предаваат тутунот ако состојбите не се променат на терен.
„Срамота е ова што ни се прави. Место прва или втора добиваме трета и четврта класа што, значи дека тутунот ова сезона ќе ни дојде околу 130-140 денари по килограм. Со вакви цени тешко можеме да преживееме. Згора на сè, премногу одбитоци ни земаат. Тутунот е квалитетен оваa сезона во Струмичко и жално е да си играат со нашата мака и труд“, кажа Милош Трајков, производител од Градашорци.
Тунопроизводителите тврдат дека џабе повикуваат инспектори од Министерството за земјоделие, бидејќи воопшто не интервенираат на нивните поплаки и реакции при проценката и затоа нема да го носат веќе производството.
„Еве, вчера имаше инспектор и ништо не рагираше. Тој немал ингеренции да се меша во проценката на тутунот. Бил дојден да се види дали нè краделе и колку одбитоци ни земаат. Ако инспекторите не нè заштитат, кој тогаш“, вели Мустафа Демиров, прозводител од Градашорци.
Во Струмичко во моментов тутунот го откупуваат две компании, а веќе од идната недела се очекуваат со откуп да започнат уште три фирми кои ќе ги отворат пунктовите. Годинава, од Струмичко од околу 2.000 производители се очекуваат 2,5 тони тутун.
Денеска на средба меѓу тутунските здруженија и откупувачите кај министерот за земјоделство Арјанит Хоџа треба да се најде излез за сè поголемиот револт кај производителите, кои не се согласуваат со понудените класи за откуп на годинашнава реколта.
В. ТРАЈКОВ