За првпат после пожарот пред година и пол, хор ќе пее во славната париска катедрала Нотр Дам, и тоа токму ноќта спроти католички Божиќ. Еден од симболите на Париз, стар повеќе од 850 години, остана без покривот и една од кулите во катастрофалниот пожар во април 2019.
„Нотр Дам е речиси наш дом. Многу сме возбудени што после година и половина ќе влеземе во катедралата. Најпосле, Хорот настапува во неа над осум века“, вели диригентот на Хорот на Нотр Дам, Анри Шале.
Дваесет хористи, двајца солисти и органист ќе настапат на концертот на 24 декември, кој ќе се одржи без публика и ќе биде пренесеуван во живо на телевизиите. Главните оргули во катедралата се на реставрација, па затоа за потребите на Божиќниот концерт ќе се изнајмат помали оргули.
По пожарот, ова е трет настан во катедралата, откако годинава се одржаа миса само со 30 луѓе и една вечер со музика и читање поезија. Плановите на властите се реставрираната катедрала да биде готова до 2024, на време за Летните олимписки игри во Париз.