ПОЧНУВА ПОСТАПКАТА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА КАЊОНОТ МАТКА ЗА СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА, ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НЕ СЕ УРНАТИ

    ПОЧНУВА ПОСТАПКАТА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА КАЊОНОТ МАТКА ЗА СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА, ДИВИТЕ ПЛАТФОРМИ НЕ СЕ УРНАТИДивите платформите на Матка сè уште стојат нечепнати. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Почнува постапката за прогласување на заштитениот локалитет кањон Матка за споменик на природата. На утрешната седница на Советот на Град Скопје треба да се донесе одлука со која му се предлага на Министерството за животна средина и просторно планирање да спроведе постапка за ревалоризација и прогласување на заштитениот локалитет на подрачјето на град Скопје кањон Матка за споменик на природата. Оваа постапка ќе се одвива согласно Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“ изготвена во 2010 и на извршената ревизија на Студија за ревалоризација на локалитетот Матка, во чии рамки е извршено зонирање на просторот од 2020 година.

    „Законот за заштита на природата предвидува дека надлежноста за прогласување на заштитено подрачје ја имаат Собранието и Владата, за што предлог до Министерството за животна средина и просторно планирање доставува Советот на локалната самоуправа на чие подрачје се наоѓа локалитетот. Предлогот треба да содржи и стручна студија за негова основаност“, велат од Град Скопје.

    Од Градот додаваат дека во рамките на проектот на УНДП и Министерството за животна средина „Јакнење на еколошката, институционалната и финансиската одржливост на системот на национални заштитени подрачја на Македонија“ изготвена е Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата „Кањон Матка“, 2010 година. Во 2020 година од  УНДП е извршена ревизија на Студијата во чии рамки е извршено и зонирање на просторот.

    „Ревидираниот и дополнет стручен документ, односно Студија за ревалоризација на природните вредности на заштитеното подрачје споменик на природата ‘Кањон Матка‘, е целосен стручен документ врз основа на кој Министерството ќе ја спроведе процедурата за прогласување за споменик на природата“, додаваат од Град Скопје.

    Прашањето за прогласување на кањонот Матка за споменик на културата се отвори по написите на САКАМДАКАЖАМ.МК за дивите платформи кои без дозвола се изградија меѓу карпите во заштитениот појас.  Платформите сè уште стојат нечепнати.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира