Највисоката планина на светот Монт Еверест е повисока за 0,86 метри од досегашната официјална пресметка, заеднички објавија Кина и Непал. Двете земји се согласија дека новата официјална височина на Монт Еверест е 8.848,86 метри, откако досега нивните ставови се разликуваа околу тоа дали треба да се земе предвид и снежната покривка на врвот.
Кина тврдеше дека Монт Еверест е висок 8.844,43 метри, колку што било измерено во 2005 година. Непал, пак, ја имаше прифатено височината од 8.848 метри, утврдена со индиско истражување од 1954 година, но сѐ досега, самиот немаше спроведено мерење. Четворица непалски истражувачи две години се обучувале за мисијата, пред да се упатат кон врвот.
Еверест се наоѓа на границата меѓу овие две земји и планинарите го искачуваат од двете страни. Некои геолози сугерираа дека силниот земјотрес што го погоди Непал во 2015 година можеби влијаел врз височината на Еверест, односно предизвикал намалување на неговата снежна капа, случај што бил забележан кај некои други врвови во земјата.