Универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“ треба уште да работат на својата вакцина против ковид-19 за да потврдат дека таа е 90-процентно ефективна, стои во новите податоци објавени во магазинот „Лансет“. Таа е безбедна и дава добра заштита, но нејзината просечна ефективност изнесува 70%.
Своевремено светски лидери во развојот на вакцина против ковид-19, британските производители во меѓувреме беа надминати од „Фајзер/Бионтек“ и „Модерна“, чии вакцини даваат заштита од 95% и веќе се во фаза на одобрување од американските и европските регулатори. Британските пензионери денеска веќе почнаа да ја примаат вакцината на „Фајзер“.
Извештајот во „Лансет“ не открива доволно зошто ефективноста била 62% кај мнозинството доброволци кои во тестирањата примиле две полни дози од вакцината, а 90% кај малата група која прво примила половина, па полна доза. Во втората група, никој од учесниците немал повеќе од 55 години, па се потребни дополнителни истражувања за да се утврди како таа делува на постарата популација.
„Просечната ефективност на вакцината е 70,4%“, заклучува извештајот.