Збирката раскази „Мојот маж“ на македонската писателка, професорка и преведувачка Румена Бужаровска се поставува во култното Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград во режија на Јована Томиќ.
„Мојот маж“ е едно од најчитаните дела во земјава, на 15 февруари во Драмски театар во Скопје имаше премиера во режија на Нела Витошевиќ, а во октомври беше поставено во Словенско народно гледалишче (СНГ) Љубљана во режија на Ивана Ѓилас.
„Ме радува понудата за соработка со Југословенско народно позориште и фактот што книга како ‘Мојот маж’ веќе трипати во текот на една година и во време на пандемија се поставува во регионот. Се радувам што и во случајот со ЈДП, текстот повторно ќе го работи режисерка“, вели Бужаровска за САКАМДАКАЖАМ.МК
Екипата на ЈДП само што почнала да го чита текстот на проби, а премиерата треба да е во февруари. Играат Сања Марковиќ и Јована Беловиќ, драматург е Димитрије Коканов, костимите се на Маја Марковиќ, а композитор е Лука Мејџор.
„Веднаш по објавувањето, збирката кратки раскази ‘Мојот маж’ предизивика големо внимание од критиката и од читателите“, најавува ЈДП.
Б. НЕСТОРОСКА