ТРЕТАТА ЛЕНТА НА ГЛАВНИТЕ УЛИЦИ ВО ВЕЛЕС НЕМА ДА БИДЕ ПАРКИНГ ЗОНА, НО МОЖЕ ДА СТАНЕ ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА

    ТРЕТАТА ЛЕНТА НА ГЛАВНИТЕ УЛИЦИ ВО ВЕЛЕС НЕМА ДА БИДЕ ПАРКИНГ ЗОНА, НО МОЖЕ ДА СТАНЕ ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКАПолицијата не дозволува паркирање на улицата 8 Септември, но тоа е секојдневна глетка (Фото: СДК.МК)

    Најавата за воведување платен паркинг во Велес ги запали страстите и ги подели граѓаните. За градоначалникот Коцевски реакциите се очекувани и вели дека кога се прават промени во навиките на граѓаните, првите чекори се тешки.

    Една од големите дилеми меѓу велешани е дали ќе се воведе ред во паркирањето во градот ако главните улици Благој Ѓорев и 8 Септември и натаму останат места за паркирање, иако тоа не е дозволено според сообраќајните знаци. Овие две улици се дел од регионален пат и на нив МВР не дозволува да има паркирање, иако тоа во пракса е секојдневие.

    „Многу пати сме разговарале со сообраќајната полиција при СВР Велес. Тие знаат дека таму е забрането паркирањето и затоа не дадоа согласност. Затоа работиме на друго решение. Третата лента на овие две улици, каде што сега се паркираат возила, планираме да биде трансформирана во велосипедска патека. Се разбира, за тоа е потребна дозвола од МВР“, вели Коцевски.

    Тој бара од сограѓаните да ги променат навиките и да ги користат времениот паркинг до Мало мовче и паркинзите од левата страна близу автобуската станица, а во подготовка е времен паркинг на местото на поранешниот АТД диспанзер.

    „Велес заслужува да биде уреден град, без хаос на тротоарите и јавните површини. Понудените цени се дадени по сеопфатни анализи со градови каде има зонско паркирање, како Штип, Битола, Струмица и Кавадарци и не отстапуваат од нивните“, додаде Коцевски.

    Вели дека работат и на катна гаража близу автобуската станица, но тоа бил обемен и долготраен проект. Останува дилемата дали Стар мост и приодот до Железен мост ќе бидат и натаму места каде што ќе се паркираат возила. Градоначалникот немаше одговор на прашањето дали и овие простори ќе бидат платени паркинг зони.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира