Под мотото „Во време на пандемија без вода е трагедија“ стружани денеска го изразија својот револт поради се поголемите и почести прекини на водоснабдувањето со протест на кој имаше мал број незадоволни. Револтирани од надлежните, но и од нивните сограѓани кои останаа дома, се заканија дека ќе блокираат патишта и нема да ги плаќаат сметките доколку не им се реши проблемот.
„Во време на пандемија не можеме раце да измиеме, не можеме да користиме евтина струја бидејќи навечер нема воопшто вода. Живеам во зграда и со години немам вода. Полниме вода и така се миеме. Треба непослушност, блокирање патишта“, велат учесници на протестот, и додаваат:
„Откако го најавивме протестот преку ден имаме вода, но навечер ја исклучуваат. Претходно вода немавме преку цел ден. Плаќаме сметки редовно и треба да имаме вода. Полниме вода во моментите кога има, живееме под стрес. Разбирам суша како што се правдаат одговорните, но сушен период не е само во Струга“.
Директорот на Јавното претпријатие, Дашмир Насуфи претходно во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК кажа дека временските прилики се причина стружани да останат без вода.
„Временските услови се причина, изворите немаа капка вода. За среќа следува дождлив период и изворите веќе почнаа да се полнат. Сега очекуваме состојбата да се подобри“, рече Насуфи.
Но, стружани уверуваат дека проблемот не е само во временските прилики. Според нив рестрикциите се должат и на старата и дотраена водоводна мрежа како и несоодветниот третман на водата.
„Ние секој втор ден немаме вода поради пукнати цевки, поради загадена вода, недоволно користење на хлор. Жалосно е во Струга, град на две води, населението да остане без вода. Велиме, Струга има питка планинска вода, но за жал анализите покажуваат дека не е така, водата не е за пиење, загадена е, а во последно време воопшто ја нема“, велат тие.
С. ВРЕНЦОВСКА