Снегот кој деновиве ја забели Попова Шапка дава надеж дека наскоро би можела да почне скијачката сезона. Деновиве се очекува да бидат пуштени во работа ски лифтовите, со што би се означил и официјалниот почеток на годинашнава скијачка сезона во овој наш најголем зимски спортско-рекреативен центар.
„Скијачката сезона најмногу зависи од временските прилики. Со ратраците е поминато врз патеките и снегот е оспособен за скијање. Во функција ќе бидат пуштени двете жичници ‘Церипашина‘ и ‘Свети Илија‘, како и ски-лифтовите ‘Аеродром‘ и ‘Ге‘“, најавуваат претставници на „ЕЛЕМ турс“, државната компанија надлежна за скијачката инфраструктурата на Попова Шапка.
Годинава нема да се издаваат сезонски карти за користење на ски лифтовите и жичниците, туку ќе може да се искористат билетите купени минатата сезона, бидејќи не беа искористени, со оглед на тоа што целата сезона помина без снег.
Во февруари годинава се отвори најновата, шестоседна жичница на Попова Шапка, долж патеката од 1.391 метар, но, најверојатно, таа ниту оваа сезона нема да работи, како што неофицијално дознаваме. Таа е од затворен тип, што е во спротивност со безбедносните протоколи за ковид-19.
Но, почетокот на сезоната не зависи само од количината на паднатиот снег, туку и од многу други фактори, кои засега претставуваат слаба точка на Попова Шапка.
„Оваа скијачка сезона Јахорина ја започна на 29 ноември, а Копаоник на 3 декември, при снежни врнежи не поголеми од 10 сантиметри. Зошто Попова Шапка и со 70 сантиметри снег не може да ја почне сезоната? Затоа што во отсуство на стратегија и компетенција за менаџирање на ски центарот и еден метар снег не е доволен за почеток на сезоната. Попова Шапка со години нема урбанистички план, но затоа има голем број дивоградби. Од кога зборуваме дека северните делови на центаротот, кон Јелак, каде што има извонредни услови за скијање, треба да се оспособат, но никој не ги слуша нашите препораки. Пропадна обидот да се постави инсталација за вештачки снег, а и шестоседата жичница засега не може да се стави во погон“, вели Жарко Трпковски, претседател на скијачкиот клуб „Љуботен“ од Тетово.
З. АНДОНОВ