УСТАВЕН СУД ПО ВТОРПАТ ГО УКИНА МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР

    УСТАВЕН СУД ПО ВТОРПАТ ГО УКИНА МОРАТОРИУМОТ ЗА ГРАДБА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАРОваа одлука ќе биде на сила додека Уставен суд одлучи дали мораториумот е донесен во согласно со Уставот. (Фото: К. Попов)

    Уставен суд по вторпат донесе времена мерка за укинување на мораториумот за градба во Општина Центар. Оваа одлука ќе биде на сила додека Уставен суд одлучи дали мораториумот е донесен во согласно со Уставот, откако денеска судиите ја прифатија иницијативата за укинување на уставноста поднесена од двајца граѓани од Охрид. Со тоа, сега веќе не важи забраната за градба и важат старите планови и инвеститорите може да бараат дозвола за градба.

    „Поведена е постапка бидејќи постојат сомненија дека забраната за градба е донесена во спротивност со Уставот“, велат од Уставен суд.

    Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, кој присуствуваше на седницата, кажа дека ваквата одлука е мешање во ингеренциите на Општината со што го легализира докажаното неусогласување со повисок акт, а тоа е Генералниoт урбанистички план (ГУП).

    „Цениме дека деталните урбанистички планови мора да бидат усогласени со Генералниот урбанистички план како план од повисок ранг. Одлуката што Општина центар ја има донесено на 27.03.2019 не е во спротивност на важечките прописи и истата има за цел да го заштити јавниот интерес кој е примарен за сите жители, а е загарантирано согласно Уставот. Просторното и урбанистичко планирање е еден долготраен и плански процес кој опфаќа низа дејствија кои сами по себе си се надополнуваат и си противречат во смисла на размена на идеи и плански реализации. Тоа има за цел да обезбеди и заштити сè она што претставува хуман и нормален човечки развој на одреден простор, почитувајќи го јавниот интерес како примарен.
    Оттука, хиерархијата на планските документи при носењето на урбанистичките планови мора да биде запазена, бидејќи таа е суштинска при оправданоста во постапката на донесување на пониските акти кои произлегуваат од повисоките”, вели Богдановиќ.

    Лани, Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на мораториумот до Уставен суд беше поднесена од Градежната комора и Стопанската комора на северозападна Македонија. Потоа, на 20 март Уставниот суд времено го укина мораториумот додека не се донесе одлука дали тој е законски донесен и во согласност со Уставот.

    По ваквата одлука на Уставен суд, Општина Центар донесе нова одлука за мораториум со која Деталните урбанистички планови кои се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, нема да се применуваат. Сите планови кои се ревидираат се спротивни на ГУП-от, па со тоа во Општината не се издаваат дозволи за градба додека не бидат усогласени со Генералниот план, односно не бидат донесени нови планови.

    Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017 донесе мораториум на градба, со кој беше стопирана реализацијата на 31 детален план. Досега се донесени само пет планови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира