Шесте општини од Североисточниот Регион со над 200.000 жители имаат само 18 лиценцирани инспектори, од вкупно 256 во државата. Од нив, 13 се во Куманово, два во Крива Паланка и по еден во Кратово, Старо Нагоричане и Липково. Од општините признавааат дека постојат повеќе непополнети систематизирани места, затоа што нема интерес за работа во инспекциските служби. Стручни кадри не сакаат да бидат инспектори поради ризиците, незаштитеноста и лошите услови во кои работи инспекциската администрација.
Раководителот на Секторот за инспекциски надзор во Куманово, Бобан Бојковски, вели дека едни од причините поради кои инспекциската работа е неатрактивна се неусогласената законска регулатива и потребните измени кои ќе овозможат инспекторите да дејствуваат независно од другите институции.
„На комуналните редари се гледа како на сила од која се очекува да ги реши сите можни неправилности во градот. Но, кога нашите граѓани ќе направат прекршок, не сакаат да се легитимираат и бегаат, а комуналниот редар не може да издаде платен налог поради неусогласеност на законската регулатива со Законот за прекршоци. Ако постои вистински систем, тогаш и редарите и прекршителот ќе бидат во него и од тоа нема бегање. На пример, ако сообраќаен инспектор не е во придружба на полицаец, законот не му дозволува да запира возило“, кажа Бојковски на онлајн дебатата „Како до ефикасни и независни инспекциски служби на локално ниво“, на која учествуваа градоначалници, локални инспектори и други претставници од Куманово, Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково, како и претставници на Државниот инспекциски совет и Инспекторатот на Град Скопје.
Како пример за нефункционалноста на законските решенија и за неефикасноста на казнените мерки, тој посочи дека во 2019 година се поднесени вкупно 63 прекршоци, а не се реализирани дури 50.
С. НИКОЛИЌ