Во 2021 Македонија ќе ја прославува 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, и тој јубилеј ќе се случува во време на големи искушенија, рече денеска министерката за култура Ирена Стефоска, на одбележувањето на 99-роденден на Конески во неговата родна куќа во Небрегово, заедно со владина делегација.
„Нашиот мудрец на срцето, мислата и зборот, нашиот благороден сликар на јазикот, Блаже Конески, еднаш забележа: ‘Треба да се совлада премалата, да се сочува интегритетот, затоа што човекот не смее да се предаде на рушителските сили, бидејќи тој е секогаш поприште на борбата’. И токму овде, во неговото родно село Небрегово, треба да се присетиме на наследството кое тој ни го остави и кое е централната модерна нишка на нашата државност. Пред нас е стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески. Таа се случува во време на големи искушенија. Но самиот Конески беше човек кој стамено стоеше пред сите искушенија, пред сите предизвици. Затоа, овој јубилеј не треба да го сфатиме како еден миг во кој ќе се присетиме на минатото туку како поттик за мудро надминување на противречностите, за стамено чекорење кон иднината“, кажа министерката.
Стефоска рече дека сите го паметиме Конески како човек кој тивко, но упорно извојува многу битки за самобитноста, за јазичните значенски вредности, за знаењето, за уката. Сите во него го препознаваме нашиот современ Климент Охридски.
„Како и сите народи во светот, ние низ јазикот постоиме, низ неговите мисловно-зборовни виртуозности. А писателот Конески беше нашиот виртуоз на мислата и на зборот. Тој нашето културно наследство го обележа со визионерски осовременет ракопис и ни укажа како се гради модерен, еманципиран и космополитски наратив“, вели Стефоска.
Следната година ќе помине во знакот на Конески, најавија на 1 октомври Министерството за култура и Министерството за образование и наука. Македонија на овој начин ќе се приклучи кон одбележувањето на 2021 како Меѓународна година на мирот и довербата, што ја прогласи Генералното собрание на Обединетите нации. Денот кога е роден Конески, 19 декември, е ставен на листата на значајни јубилеи на УНЕСКО, што ќе се одбележуваат следната година.
Б. НЕСТОРОСКА