Јавното претпријатие „Паркинзи Општина Центар“ (ПОЦ) ќе бележи хоризонтална и вертикална сигнализација на улиците во општината. Со тоа Општина Центар нема да мора да распишува тендер и да избира приватни фирми да ги бележат улиците, туку тоа ќе го прави општинското јавно претпријатие.
„Одобрен е планот за работа и веќе аплициравме до Министерството за транспорт и врски да добиеме Б лиценца за бележење сигнализација на улици. Покрај на територијата на Општина Центар, може да учествуваме на тендери за бележење и во другите скопски општини“, велат од „Паркинзи Општина Центар“.
За бележење на пешачките премини и сообраќајните ленти на улиците претпријатието има опрема која беше набавена годинава за бележење на паркинг места на паркинзите со кои стопанисуваат.
Пред еден месец, општинското претпријатие го почна и проектот за рециклирање пластика откако ги пушти во употреба првите седум повратни вендинг машини за рециклирање. Машини се поставени пред бараките на Општина Центар, кај слаткарница „Апче“, кај монтажната гаража „Буњаковец“, во затвореното паркиралиште „Дом на градежници“, затвореното паркиралиште „Зелен пазар“, во ГТЦ и затвореното паркиралиште „Дилајла“ во Капиштец. За секое рециклирано шише граѓаните добиваат пари.
А. АНТЕВСКА