КОСОВСКО-МАКЕДОНСКАТА КОПРОДУКЦИЈА „ВО ПОТРАГА ПО ВЕНЕРА“ НА НОРИКА СЕФА ВО ТРКАТА ЗА ТИГАР ВО РОТЕРДАМ

    КОСОВСКО-МАКЕДОНСКАТА КОПРОДУКЦИЈА „ВО ПОТРАГА ПО ВЕНЕРА“ НА НОРИКА СЕФА ВО ТРКАТА ЗА ТИГАР ВО РОТЕРДАМ„Во потрага по Венера“, дебито на режисерка Норика Сефа, е првиот косовски филм во конкуренција за награди во Ротердам. (Фото: ИФФР)

    „Во потрага по Венера“, дебито на косовската режисерка Норика Сефа во копродукција меѓу Косово и Македонија, е во конкуренција за главната награда Златен тигар на јубилејното 50. издание на филмскиот фестивал во Ротердам. Ова е првпат косовски филм да е во селекцијата за награди во Ротердам.

    Најголемиот фестивал на независен филм во светот ќе се одржи вгодина во два дела, онлајн од 1-7 февруари, и в кино 2-6 јуни. Во престижната конкуренција за Тигарот се 16 филмови, дебија или втори дела на авторите, а главната награда носи и 40.000 евра, додека двете специјални награди на жирито носат и по 10.000 евра.

    На 1 февруари, Ротердам ќе отвори со данскaта трагикомедија „Јавачи на правдата“ на Андерс Томас Јенсен со Мадс Микелсен.

    Филмот на Сефа, која живее и работи во Прага, е за созревањето на тинејџерка во село во Косово и нејзината еманципација во строгата патријархална средина. Продуцент е „Сиркл филм“ на Бесник Крапи, а дизајнерот на звук Игор Поповски е продуцент од Македонија.

    Ротердам ќе отвори со данскaта трагикомедија „Јавачи на правдата“ на Андерс Томас Јенсен со Мадс Микелсен. (Фото: ИФФР)

    Во конкуренцијата за наградата Голем екран се 15 филмови, а победникот добива 30.000 евра за дистрибуција во Холандија.

    Новата директорка на Ротердам Вања Калуѓерчиќ вели дека во оваа најтешка година за филмската уметност, ротердамските  селекции го потврдуваат овој фестивал како „платформа за откривање визии кои ја будат нашата љубопитност и ја обземаат нашата имагинација“.

    Во популарната програма Разговори, ќе гостуваат неколку значајни современи филмски автори и уметници – американската режисерка Кели Рајнхард која е и добитничка на наградата „Роби Милер“, францускиот автор Беноа Жако и актерката Шарлота Гејнсбург, грузиската режисерка Деа Кулумбегашвили, чиј филм „Почеток“ е еден од најголемите откритија на годината, и музичарот Николас Јар.

    Следната година ќе има косовски филм и во селекцијата на Санденс, „Улиште“ на косовската режисерка Блерта Башоли, копродукција помеѓу Косово, Македонија, Швајцарија и Албанија, во кој македонски копродуцент е „Црна мачка продукција“.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира