СО 43 ЖРТВИ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ, ПРИЛЕП СО НАЈГОЛЕМ БРОЈ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ПОКРАЈ СКОПЈЕ

    СО 43 ЖРТВИ ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ, ПРИЛЕП СО НАЈГОЛЕМ БРОЈ ПОЧИНАТИ ОД КОВИД-19 ПОКРАЈ СКОПЈЕВо декември почина една четвртина од вкупниот број смртни случаи во Прилеп од почетокот на пандемијата до денес, кој изнесува 199. (Фото СДК.МК)

    Прилеп руши рекорди по број на починати пациенти од ковид-19 меѓу градовите во внатрешноста на земјава. Само во последните 15 дена од декември, смртоносно заврши битката со ковид-19 кај 43 прилепчани. Тоа е безмалку една четвртина од вкупниот број на смртни случаи во Прилеп од почетокот на пандемијата до денес, кој изнесува дури 199. Со оваа стапка на смртност, Прилеп е на првото место од градовите во внатрешноста по број на умрени од коронавирус.

    На ниво на цела држава е веднаш по Скопје, каде има за три и пол пати повеќе смртни случаи од Прилеп, а број на жители 11 пати повеќе. Од градовите во внатрешноста, веднаш по Прилеп е Тетово со 177 случаи, па Куманово со 166.

    Најмладиот меѓу починатите прилепчани имал 43 години, а највозрасниот 87.

    Во декември досега од ковид-19 починаа 68 прилепчани, или во просек по двајца до тројца секој ден.

    „Морбидно е веќе, во градот не остана празна бандера без некролози, но носиме маски и се штитиме колку што можеме“, велат прилепчани.

    Од почетокот на пандемијата до денес вкупно ковид дијагностицирани во Прилеп се 4.027, а во моментов активни се 730.

    Од Министерството за здравство велат дека високата стапка на смртност во Прилеп се должи на зголемениот број заразени лица во изминатиот период, меѓу кои добар дел со други коморбидитети.

    „Прилеп е еден од регионите во земјава каде изминатот период имаше зголемен број на ковид позитивни лица, а следствено на тоа и зголемен број хоспитализации. Најголем дел од пациентите се лекуваат во болницата во Прилеп, додека потешките се препраќаат во ковид-центрите во Скопје. Во однос на починатите пациенти, податоците покажуваат дека голем дел од пациентите се со коморбидитети кои придонеле до влошување на состојбата и смртен исход. Дел од пациентите се починати во Скопје, а дел во Прилеп. Во извештаите на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во некои денови може да се најдат и пациенти кои биле тестирани постмортем и за кои стасале резултатите подоцна, затоа и бројката на починати некои денови е поголема“, велат од Министерството за здравство.

    Рекорден број на починати на дневна основа овој месец во Прилеп беа евидентирани на 21 декември, дури 9, но во билтенот пишуваше дека само тројца од нив биле од тој ден, што значи другите биле постмортем тестирани.

    Воедно, изминатата недела една третина од активните случаи во Прилеп биле хоспитализирани или третирани преку дневна болница, а останатите на домашно лекување.

    Според офијалниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 14 до 20 декември од другите градови, со исклучок на Скопје, највисок морталитет бил регистриран во Прилеп, па во Струга, Крушево, Охрид и Штип. Највисок леталитет во Крушево и Струга. Ситуацијата не била ништо подобара ни во ноември, кога според Билтенот за актуните заразни заболувања на ИЈЗ најголем број починати лица на месец ноември биле регистрирани на територијата на Скопје – 222, следува Прилеп со 74 и Битола 72 смртни случаи.

    Во однос на коморбидитети, од случаите кои се епидемиолошки истражени, кај починатите од ковид-19 на прво место се кардиоваскуларните болести, на второ дијабетот, на трето хронична белодробна болест.

    Погребалните претпријатија во Прилеп се преплавени со работа. Оператор кој сакаше да остане анонимен вели дека во градот се три погребални фирми кои дневно имаат по два до три покојници кои мора да ги погребаат, дел починати од коронавирус, дел од друга болест. Ако тоа се помножи со три, дневно бројот на погребите е околу 9. Покојниците од ковид-19 сега се ставаат во вреќа, а потоа во дрвен сандак.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира