Најмалку 20-тина дуќани и една третина од пазарот се опожарени во синоќешниот пожар што го зафати трговскиот центар Глобал во Струмица. Штетите се милионски, имајќи предвид дека освен на приземјето, пожарот се проширил и на првиот и вториот кат.
Најмногу штети има од левата страна од објектот од главниот влез на Глобал. Повредени нема, рече струмичкиот градоначалник Коста Јаневски, но материјалната штета е голема.
Во гаснењето на пожарот учествувале 18 возила и 61 пожарникар, соопштија од ТППЕ Струмица, на која на помош пристигнале возила и од Штип, Кавадарци, Радовиш, Валандово.
„Има уништено дуќани на приземје, првиот и вториот кат. Зафатена е една третина и од зелениот пазар“, кажаа од ТППЕ Струмица.
В. ТРАЈКОВ