Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот суд Скопје 1 и на Апелациониот суд Скопје против поранешниот премиер Владо Бучковски и ексначалникот на Генералштабот на АРМ Методи Стамболиски, како и против неколкутемина вработени во Министерството за одбрана и директорот на „МЗТ ФОП“. Предметот е вратен на почеток, во Основниот суд Скопје 1, што значи, за случајот Тенковски делови ќе има трето судење.
Одлуката ја донел Кривичен совет од Врховниот суд од три члена, бидејќи за овој стар случај, тие работеле по стариот Закон за кривична постапка. По новиот ЗКП, советите во највисокиот суд бројат пет судии.
Врховниот суд ги укинал пресудите на Основниот суд Скопје 1 изречена на 1 јули 2013 и на скопскиот Апелациски суд од 30 јуни 2104 година и наложил судската постапка да се врати од почеток.
„Според оценката на Врховниот суд на РМ, од изведените докази не произлегува со сигурност дека со постапувањето на обвинетите е остварена субјективната компонента на предметното кривично дело“, изјавија од Врховниот суд за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Предметот Тенковски делови трае девет години.
Според обвинението, на крајот на 2001 година, Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ како приоритетна набавка од фирмата „МЗТ ФОП“ нарачале резервни делови за тенковите „Т-55“. Шест години подоцна Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка и во јули 2007 година поднесе обвинение против Бучковски и Стамболиски за злоупотреба на функциите и со нереално барање за набавка на резервни делови за армиските тенкови причиниле штета од безмалку 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра.
Истражен судија, додека ексминистерот Бучковски беше на годишен одмор, му изрече притвор со објаснување дека е недостапен за органите на прогонот, но тој се врати во државата.
Судот првиот пат најде вина кај сите обвинети и ги осуди на ефективни затворски казни, но Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда и процесот го врати од почеток. И на повтореното судење, на кое повеќе не расправаше Совет од одделот за организиран криминал, беа изречени затворски казни.
Предметот, по жалба на обвинетите, повторно се најде пред судиите на скопска Апелација, но овој пат Судечкиот совет донесе решение со кое беше потврдена првостепената пресуда.
Во Врховниот суд овој предмет беше дојден првпат.