ЗАВРШИ УВИДОТ ВО „ГЛОБАЛ“, ЌЕ СЕ ИСТРАЖУВА ЗОШТО ХИДРАНТИТЕ БИЛЕ ИСКЛУЧЕНИ ОД ГЛАВНАТА ШАХТА

    ЗАВРШИ УВИДОТ ВО „ГЛОБАЛ“, ЌЕ СЕ ИСТРАЖУВА ЗОШТО ХИДРАНТИТЕ БИЛЕ ИСКЛУЧЕНИ ОД ГЛАВНАТА ШАХТАСопствениците добија дозвола да си ги видат дуќаните, но нема одговор како настанал пожарот. (Фото: СДК.МК)

    Сопствениците на трговски дуќани и деловни простории во присуство на инспектори и преставници од Јавното обвинителство, влегоа денеска во градскиот трговски центар „Глобал“ во Струмица. Се пуштаа во групи, за да се утврди состојбата на секој објект поединечно пред да се даде дозвола за расчистување на објектот каде во саботата избувна пожар и уништи најмалку 20-тина дуќани деловни простории, но и една третина од градскиот пазар.

    „Сите сопственици се повикани за да во нивно присуство се направи увид, за да може да се пристапи кон организација за расчистување на објектот при што ќе бидат присутни и тие. Огормни се штетите од пожарот, посебно на левата страна од главниот влез“, изјави Илија Митковски од „Фер Есап“, здружението на трговски дуќани од „Глобал“ од Струмица, кое треба да отвори и наменска сметка за донации од која ќе се санираат заедничките потреби на трговскот центар.

    Вчера попладне заврши увидот на истражните органи предводени од Јавното обвинителство во кој беа вклучени и преставници од крим техника на МВР, Дирекцијата за заштита и спасување, вештаци од повеќе области од Противпожарната единица на Струмица. Дваесетина инспектори и вештаци прибираа докази, обезбедуваа матријали за да ги утврдат причините за големиот пожар. Не се откриваат детали од увидот. Единствено што е познато е дека пожарот избувнал кај влезот за дотур на стока од каде се проширил насекаде, но и дека хидрантите во „Глобал“ биле неупотребливи, за што потврдија и струмичките пожарникари.

    „При последната контрола беше констатирано дека хидрантите беа исправни и функционални и редовно сервисирани. Но, најверојатно по нашата контрола и во критичниот период тие биле исклучени од главната шахта која е надвор од објектот, што ќе биде предмет на дополнителна истрага“, кажаа од Дирекцијата за заштита и спасување откако струмичките пожарникари објавија дека хидрантите не биле функционални.

    „Глобал“ во Струмица е граден пред десетина години по пат на јавно-приватно партнерство. Како што кажа премиерот Зоран Заев, тоа е колективен објект во кој околу 90 отсто од објектите се во приватна сопственост.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира