Конгресот го потврди Џо Бајден за нов претседател на САД откако беа одбиени сите приговори на Републиканците на изборните резултати. Ова уследи само 12 часа откако толпа приврзаници на Доналд Трамп упадна во Капитол во обид да го спречи овој формален процес на заедничката седница на Сенатот и Претставничкиот дом.
Во исто време беше потврдено дека Камала Харис ќе биде нова потпретседателка.
Конгресмените ја продолжија својата работа повеќе од шест часа откако беа евакуирани од салата по избувнувањето на насилствата, во кои загинаа четири лица. Приврзаниците на Трамп упаднаа во Капитол откако го ислушаа неговиот говор во паркот покрај Белата куќа.
Претседателот Доналд Трамп, кој со месеци ги потпалуваше своите приврзаници со лажни изјави дека изборната победа му е украдена и одби да ги осуди вчерашните насилни протести, во изјавата неколку минути откако победата на Бајден беше потврдена рече дека ќе ги почитува резултатите од изборите и дека ќе има мирна транзиција на власта на 20 јануари.
Нападот на Конгресот е без преседан во современата американска историја, а напаѓачите кои влегоа во Конгресот во име на претседателот Трамп ја вандализираа канцеларијата на спикерот Ненси Пелоси, кршеа стакла, крадеа уметнички дела и за кусо презедоа контрола врз салата на Сенатот, каде што се фотографираа со кренати тупаници на местото каде што потпретседателот Пенс ја потврди победата на Бајден.
Бајден ќе биде инаугуриран во нов претседател на 20 јануари.