ТЕТОВЦИ ПОВТОРНО ИМААТ ПРОБЛЕМ СО ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ОТИ ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ ГИ ЗАМАТИЈА ВОДИТЕ КАЈ ЛЕШНИЦА

    ТЕТОВЦИ ПОВТОРНО ИМААТ ПРОБЛЕМ СО ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ОТИ ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ ГИ ЗАМАТИЈА ВОДИТЕ КАЈ ЛЕШНИЦАВисоката заматеност со песок и кал придонесе автоматски да се затвори дотокот на водата во филтер станицата (Фото: СДК.МК)

    Тетовци повторно имаат проблеми со водата за пиење. Во делови од градот дотокот е намален, а во повисоките реони со часови нема вода. Причината за ова е што поради обилните дождови во Тетовскиот регион дојде до заматување на водата во месноста Лешница на Шар Планина, од каде што Тетово во еден дел се снабдува со вода за пиење. Од ЈКП Тетово велат дека ја следат состојбата и очекуваат наскоро да се нормализира снабдувањето со вода на градот.

    „Обилните дождови кои деновиве паѓаа на тетовското подрачје многу ја заматија водата во горниот тек на реката Пена, од каде што, покрај шарските извори, градот се снабдува со вода за пиење. Високата заматеност со песок и кал, која според мерните инструменти го надмина индексот 2, придонесе автоматски да се затвори дотокот на водата во филтер станицата, каде се врши нејзино прочистување. Ова е автоматски процес, бидејќи високата заматеност на водата може да предизвика големо оштетување на филтрите. Екипите на ЈКП Тетово се на терен на Лешница и ја следат состојбата. Условите за работа се тешки, бидејќи ноќеска таму паднал и снег, но велат водата почнала да се разбиструва, па можно е наскоро филтер станицата повторно да проработи и да се нормализира снабдувањето со вода. Ваквото заматување на водата во овој период од годината е вообичаена појава поради обилните дождови“, изјави Љуљзим Шаќири, раководител РЕ „Водовод и канализација“ при ЈКП Тетово.

    Оттаму велат дека во водоводната мрежа на градот доаѓаат 240 литри вода во секунда, што е за стотина литри помалку од потребниот минимум за нормално снабадување со вода за пиење. Поради ова, активирани се три бунари во градот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира