Струмичанецот Ристо Ковачев, студент по општа медицина во Марибор (Словенија), е меѓу првите Македонци кој се вакцинирал против ковид-19, сметајќи дека тоа е единствен начин светот да се врати во нормала. Како практикант во Ургентниот центар при Универзитетската клиничка болница во Марибор, тој доброволно ја примил вакцината на „Фајзер/Бионтек“ пред неполна недела.
„Ковид-19 моментално е најактуелната болест и единствен начин светот да се врати во нормала е токму вакцината. Свесен сум за болеста, но и за кратките и трајни последици што таа може да ги остави, посебно кај постарите и лицата од ризични групи. На 5 јануари ја примив првата доза од вакцината на ‘Фајзер‘, која моментално ја има во Словенија. Добро се чувствувам. Единствено имав локална реакција и болка, што е вообичаено при вакцинација“, ни изјави 23-годишниот Ковачев.
Тој и неколку колеги од завршните години на Медицинскиот факултет во Марибор се јавиле на повикот за работа во Ургентниот центар, каде што им помагаат на лекарите со ковид пациентите. Ковачев вели дека тоа му е еден вид пракса за време на студирањето. Обично работат трета смена и во викендите кога немаат предавања или вежби на факултетот. Вели дека изминативе месеци ја видел голготата на пациентите со потешка клиничка слика од ковид-19.
„Под надзор на лекарите и медицинскиот персонал, правиме тријажа и земаме брисеви за тестирања. Во зависност од резултатите, пациентите ги праќаме до соодветните оддели. Секојдневно сме во контакт со позитивни лица, но заштитени сме според здравствените прописи“, вели младиот студент од Струмица, кој втората доза ќе ја прими на 26 јануари.
В. ТРАЈКОВ