Државниот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје цела недела нема греење поради технички проблем со Агенцијата за стокови резерви, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Виктор Велевски.
Студенти кои ја контактираа нашата редакција велат дека топла вода ни греење нема од 4 јануари и дека откако се пожалиле кај управничката добиле два различни одговори – прво дека имало дефект, а потоа и дека проблемот бил во тоа што се менувал директорот.
„Ние имаме обезбедено 17 тони екстралесно гориво, или познато како црвена нафта, но не можеме да ги добиеме поради технички причини на Агенцијата. Ние сме во комуникација со нив, и со Министерството за образование и наука (МОН) и се надевам дека утре, задутре ќе добиеме греење“, ни рече Велевски, кој е директор од лани.
Поради празничните и неработни денови, студенти реално и да немало, и тие почнале да доаѓаат од денеска. Студентите, вели директорот, може да вклучуваат грејни тела во собите, но поради тоа што е централен систем на греење, нема топла вода во бањите.
„Од скопските домови само ‘Кузман’ има проблем со греење, останатите два се приклучени на градското парно. ‘Кузман’ до неодамна се греел на мазут и направен е трансфер на екстралесно гориво“, додава директорот.
Б. НЕСТОРОСКА