Македонската актерка Сара Климоска е меѓу 10-те најдобри актерски таленти во подем во Европа за годинава на 71. Берлинале ќе ја добие наградата „Шутинг старс“ (Shooting Stars), што ја доделува платформата Европска филмска промоција (ЕФП).
ЕФП денес ги објави 10-актери кои за првпат во 24-годишното доделување на оваа награда, ќе бидат претставени во тридневна онлајн програма пред филмската индустрија, публика и меѓународните медиуми. Нивното претставување е закажано од 23 до 25 февруари, една недела пред 71. Берлинале (1-5 март). Свеченоста за доделувањето на наградите ќе се одржи налето, исто кога и ќе се доделат наградите од Берлинскиот филмски фестивал.
Климоска, ѕвездата на „Врба“ на Милчо Манчевски, е номинирана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а во изборот се млади таленти од Германија, Франција, Холандија, Шведска.
„Со очите кои се огледало на нејзината душа, актерската игра на Сара Климоска е шармирачка и игрива, жестока и разорувачка. Откритие во вистинска смисла на зборо, со емоционална длабочина што им пркоси на нејзините години, таа нѐ вовлекува во животот на нејзиниот лик со шарм и леснотија што јасно го прикажува нејзиниот ѕвезден потенцијал“, стои во одлуката на жирито. Жирито додава дека талентот особено е забележлив во нејзиниот нов филм „Лена и Владимир“, деби на Игор Алексов, кој треба да излезе годинава.
„Шутинг старс“ е најстарата и најпрестижна иницијатива за промоција на европскиот палент на меѓународниот филмски маркет, а од првата награда во 1998 досега на Берлиналето како еден од најголемите филмски фестивали во светот се претставени над 300 наградени актери и актерки, што било пресвртна точка за многумина од нив, меѓу кои и оскаровката Алисија Викандер.
Од Македонија оваа награда ја добија Лабина Митевска во 2009, Наташа Петровиќ во 2011 и Благој Веселинов во 2019.
Б. НЕСТОРОСКА