Европската унија има обврска да ја држи постојано на дневен ред политиката на проширување и треба да обезбедиме мотивација за оние кои сакаат да бидат дел од европската фамилија, од нашиот заеднички европски дом, кажа грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Бујар Османи во Атина.
„Не смееме да дозволиме вакуум во стабилноста на регионот. Тој вакуум лесно ќе го пополнат други неевропски сили кои поддржуваат екстремизам и ревизионизам или од империи кои сакаат да се вратат на старата слава, но кои припаѓаат во минатото“, кажа Дендијас.
Тој потоа му се заблагодари на Османи што Македонија ја поддржува позицијата на ЕУ по прашањето на Турција. Тоа, вели Дендијас, е забележано и ценето од Грција.
„Драг Бујар, во друштво на пријатели мораме да бидеме искрени и да зборуваме отворено. Ние, Грција, можеме да бидеме најдобар сојузник на Северна Македонија. Ние можеме да бидеме најдобар пријател на Северна Македонија“, рече Дендијас.
Тој додаде Грција има значителен интерес Македонија да биде стабилна и затоа ги поддржува нашите напори да ѝ се приклучиме на Европската унија.