НОВИТЕ ПОДЗЕМНИ КОНТЕЈНЕРИ ВО ВЕЛЕС ПРАЗНИ, ЃУБРЕТО СЕ ОСТАВА ДО НИВ

    НОВИТЕ ПОДЗЕМНИ КОНТЕЈНЕРИ ВО ВЕЛЕС ПРАЗНИ, ЃУБРЕТО СЕ ОСТАВА ДО НИВПри празнење, кесите биле празни оти ѓубрето било покрај контејнерите.(Фото:СДК.МК)

    Само четири дена откако беа поставени првите подземни контејнери за смет во Велес, се појавија проблеми. Граѓаните наместо во контејнерите, ѓубрето го оставаат до нив, па бездомните кучиња и мачки  веднаш го расфрлаат по улиците.

    Комуналните работници во првите денови откако тие се поставени при празнењето на вреќите, кои имаат капацитет од три метри кубни, констатирале дека тие се празни.

    „Апелираме до граѓаните сметот од домаќинствата да го фрлаат во новопоставените подземни контејнери кои се лоцирани на местата каде претходно имаше садови за смет, а не околу  нив“, реагираат од велешкото комунално претпријатие „Дервен“.

    Од таму ги потсетуваат граѓаните дека начин на употреба на новите контејнери е едноставен, се притиска педалата, автоматски се крева капакот и сметот се остава во кесата, без било каков допир со рака.

    Во вторникот на седум локации во централното градско подрачје во Велес, беа поставени седум подземни контејнери. Од локалната власт најавуваат дека во наредниот период ќе се постават повеќе на други локации.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира