Заклучено и држено во ропство од ментално болната мајка подолго време, во лоша здравствена состојба, далеку од надворешниот свет и од училиштето, 16-годишното девојче се опоравува под надзор на тим на лекари во Клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје.
Нејзината 44-годишна мајка е однесена на другиот крај од градот, во психијатриската болница во Бардовци, каде е под присмотра на психијатри. Тие треба за неколку дена да утврдат и да му кажат на обвинителството дали нејзиното монструозното однесување кон детето е поради психичко нарушување на здравјето, или таа е пресметлива личност која се изживувала врз ќерка си.
Надлежниот обвинител за овој случај бил информиран во саботата, кога нејзината мајка зборувала на телефон со операторката од СОС-линијата. Имено, според официјалната информација за настанот, жената се јавувала таму уште од ноември, во доцните часови, пријавувајќи насилство од соседи, од роднини.
Во петокот кога се јавила да пријави, операторката слушнала и крикови, друг женски глас во позадина и веднаш го пријавила тоа во полиција.
Со асистенција на Детска амбасада “Меѓаши” и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, полицијата влегла во домот на жената и го ослободила девојчето.
Неофицијално, девојчето било најдено во стан-депонија, во многу лоши хигиенски услови и веднаш, поради нејзината слаба моторика, било однесено на Клиника. Лекарите ќе утврдуваат дали однесувањето на детето е поради повеќегодишното малтретирање од мајката. Центарот за социјални работи веќе ѝ нашол старател.
Девојчето и мајката живееле сами.
Допрва треба да се утврди колку време детето било држено во заточеништво, какво малтретирање доживувала од мајка си, дали била воопшто некогаш запишана на училиште, а ако била, зошто нејзините наставници и професори не го пријавиле нејзиното отсуство.
С. К. ДЕЛЕВСКА