Премиерот Зоран Заев на новинарски прашања за изјавата на пратеникот од ДУИ Арбр Адеми дека ДУИ нема да ги признае резултатите од пописот ако етничките Албанци во Република Северна Македонија излезе дека се под 20 отсто од вкупниот број на населението, кажа дека треба да се олабавиме сите за пребројувањето на населението, зашто стекнатите граѓански права на малцинските народи остануваат и само може да се развиваат натаму.
„Пописот е само статистичка операција која е повеќе за административни потреби и планирање и зад нејзиното спроведување и зад резултатите стојат СДСМ, ДУИ и останатите партии во владејачката коалиција. Стекнатите права на помалубројните народи се веќе стекнати и нив не смее никој да ги оспорува и назадува, без разлика на резултатите од статистичката операција“, рече Заев на заедничката прес-конференција со чешкиот амбасадор Мирослав Томан, на која зборуваа за преземањето на „Сивус“ од страна на чешката компанија „Арикома“.
На иста линија е и претседателот Стево Пендаровски, кој уште од поднесувањето на Предлог- законот за попис во Собранието, бара да не се поврзуваат резултатите од пописот со стекнатите малцински права на граѓаните, бара да не се уназадува застапеноста на помалите народи во власта според резултатите од пописот кој треба да се спроведе во април, и оди потаму, лидерите на парламентарните партии да стават потпис на една таква гаранција која ќе ја води државата напред.
С. К. ДЕЛЕВСКА