Финансиската полиција поднесе кривична пријава против член на управниот одбор на МЕПСО бидејќи го оштетила буџетот за 360.000 евра. Лицето К.Г. е осомничена за несовесно работење во службата според член 353-в ст.3 од Кривичниот законик бидејќи набавила нефункционален компјутерски систем.
„Пријавената К.Г. во својство на одговорен проект менаџер за Пакет 14 – Набавка и имплементација на компјутеризиран деловен информациски систем (БИС) финансиран од заемот на Светска банка, во 2016 година, несовесно постапила во вршење на своите овластувања и должности. Таа потпишала и потврдила прием и имплементација и овозможила плаќање на бизнис информациски систем, набавен од Конзорциум Кинг ИЦТ ДООЕЛ Скопје и Кинг ИЦТ ДООЕЛ Загреб, иако испорачаниот систем не бил функционален, односно не бил изработен согласно техничките спецификации, одделни модули давале погрешни податоци и извештаи, договорените и платени продукциски лиценци никогаш не биле инсталирани. Во гарантниот период не презела соодветни мерки и дејствија со кои би се исправиле сите недостатоци и купениот софтвер би се интегрирал целосно согласно договорените спецификации и на тој начин го оштетила буџетот на АД МЕПСО за износ од 22.215.675 денари“, велат од Управата за финансиска полиција.