ОД ДЕНЕСКА БРЗИ АНТИГЕН ТЕСТОВИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ

    ОД ДЕНЕСКА БРЗИ АНТИГЕН ТЕСТОВИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМДезинфекција на Скопскиот аеродром. (Фото: СДК.МК)

    Од денеска пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје се прават брзи антиген тестови, соопшти ТАВ Македонија. Од концесионерот на скопскиот аеродром велат дека целта е да им се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во Германија да направат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот.

    „Со цел да одговориме на најновите рестрикции за патување воведени поради ковид-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната, ТАВ Македонија најде решение за барањето за брзи антиген тестови направени непосредно пред заминувањето на патникот. Лабораторијата ‘Жан Митрев’ ќе распореди свое мобилно амбулантно возило за тестирање пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници ‘Departures C’, каде што патниците ќе можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок. Подвижното амбулантно возило за брзо антиген-тестирање на лабораторијата ‘Жан Митрев’, ќе биде присутно на скопскиот аеродром и во следните денови, следејќи ги времињата на летовите до дестинациите/земјите коишто ги воведоа новите ограничувања за патување“, се вели во соопштението на „ТАВ Македонија“.

    Доколку патниците одлучат да направат брз антиген тест на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел да не се создава метеж пред аеродромската зграда, од „ТАВ Македонија“ апелираат да пристигнат на аеродром навреме, најмалку 3 часа пред времето на полетување.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира