Ѕвонко Кочовски, вешто лице, во дополнение на доказната постапка на предметот „Тврдина-Таргет” кој е при крајот, кажа денес дека во 2015 година МВР пресметано дека опремата со која се прислушувало, во 2013 година чинела 1 денар. Тоа сведување на само 1 денар не било направено во 2013 година, туку откако изби скандалот со прислушувањето, со пуштањето на првите бомби.
Потоа опремата била уништена. Одбраната тврди дека таа била стара и расходувана, врз база на проценката направена 2015 за 2013 година. Од 2013 до 2015 година со истата опрема е вршено масовното незаконско прислушување.
„Вкупната вредност на системот за прислушување ‘најс трак’ е 1.418.879 евра”, рече вештакот.
Вештачењето за вредноста на опремата за прислушување што беше згмечена и пресувана, за да се уништат доказите за незаконското прислушување на стотици граѓани од 2008 до 2015 година, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, беше направено по вторпат вчера, поради истек на рокот на лиценцата на вештото лице. Тој кажа дека идентична е вредноста на опремата како во првото вештачење.
Сопругот на обвинетата Гордана Јанкулоска, со чиј потпис како министерка за внатрешни работи беше уништена опремата, во вкрстено испрашување го праша вештакот дали таа опрема е подложна на застарување.
„Да, точно е. Нејзината сметководствена вредност со датум од 31.12.2013 година, е 1 денар. Но, од мене беше побарано да ја пресметам нејзината употребна вредност. Под поимот употребна вредност се подразбира дека системот на денот на уништување бил во функција и имал вредност во однос на корисникот. Таа употребна вредност се разликува од сметководствената вредност, која е книговодствена. Се разликува и од објективната вредност”, одговараше вештото лице на вкрстени прашања.
Во „Тврдина-Таргет“, обвинет е ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошковски од УБК, потоа ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Надица Николиќ и други вработени во УБК кои го вршеле прислушувањето.
С. К. ДЕЛЕВСКА