ЗАЧУВУВАЊЕТО НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ТРЕБА ДА БИДЕ НАЦИОНАЛЕН ЗАФАТ, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР

    ЗАЧУВУВАЊЕТО НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ТРЕБА ДА БИДЕ НАЦИОНАЛЕН ЗАФАТ, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИРЕвроамбасадорот Дејвид Гир со градоначалникот Константин Георгиески за време на денешната прва посета на Охрид. (Фото: СДК.МК)

    И Европската Унија ја споделува загриженоста изразена од УНЕСКО кои укажуваат на ризикот Охридскиот регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, рече Амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир на денешната прва посета на Охрид.

    „Природното и културно наследство имаат универзална вредност за сите нас како поединци, како заедници, како општества. Токму тоа наследство треба да се сочува се со цел да биде достапно за идните генерации. Ние како Европска Унија ја споделуваме загриженоста изразена од УНЕСКО кои укажуваат на ризикот Охридскиот регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.

    Амбасадорот Гир, нагласувајќи ја важноста на заштитата на статусот на Исклучителна универзална вредност што му беше доделен на регионот од страна на УНЕСКО за неговите природни вредности и за разновидноста на културното, материјалното и духовното наследство рече дека е потребно целосно вклучување на заедницата, целосна посветеност на земјата и координиран пристап како на централно, така и на локално ниво.

    „Ние како ЕУ ја поддржуваме вклученоста на самата заедница во адресирање на ова прашање. Самата мисија за зачувување на регионот за човештвото би требало да ја има поддршката на сите политички сили. Тоа треба да биде национален зафат и активност која ќе ги обедини сите чинители во општеството, како на национално така и на локално ниво, која ќе биде во партнерство помеѓу властите, цивилното општество, локалните заедници како и локалните бизниси“, рече евроамбасадорот Гир.

    Тоа што од 2019 албанскиот дел на Охридското Езеро е ставен на листата на светско наследство за евроамбасадорот значи уште една можност двете земји да соработуваат меѓу себе се со цел да ја осигураат убавината и единствената природа на самото езеро за следните генерации.

    Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, смета дека забелешките дадени во Извештајот на УНЕСКО ќе значат поревносно, побрзо и попосветено имплементирање на препораките за зачувување на статусот на УНЕСКО.

    „За губење на статус на УНЕСКО не станува збор. Досега два локалитети изгубиле ваков статус, Дрезден кои сами одлучиле на референдум и еден локалитет во Оман каде владата одлучила 90 посто од поседот да го претвори во индустриска зона. Ставањето на Охрид на листата на опасност воопшто не е таква трагедија како што е претставена во јавноста. Доколку се случи такво нешто ние треба и како локална самоуправа и како држава да направиме план сите препораки кои се ставени побрзо да ги имплементираме, рече Георгиески.

    Амбасадорот Гир во рамките на посетата на Охрид ја претстави и опремата за зимско спасување што беше обезбедена во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија што се финансира од ЕУ.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира