ТЕТОВСКИТЕ ОПШТИНСКИ СЛУЖБЕНИЦИ ЌЕ ПЛАЌААТ ПОЕВТИН МЕСЕЧЕН БИЛЕТ ЗА ЈАВЕН ПРЕВОЗ ОД СТУДЕНТИТЕ

    ТЕТОВСКИТЕ ОПШТИНСКИ СЛУЖБЕНИЦИ ЌЕ ПЛАЌААТ ПОЕВТИН МЕСЕЧЕН БИЛЕТ ЗА ЈАВЕН ПРЕВОЗ ОД СТУДЕНТИТЕСоветот го усвои ценовникот со кој за вработените во Општина Тетово месечен билет чини 450 денари, а за студентите 600 денари. (Фото: СДК.МК)

    Уште не почна со работа, а јавниот превоз во Тетово веќе создава контроверзии. На денешната седница на Советот на Општина Тетово беше усвоен ценовникот за јавниот превоз кој, со неодамнешната набавка на 5 автобуси, по неколку години подготовки конечно се очекува да почне да функционира. Но, токму ценовникот предизвика остра полемика меѓу тетовските советници бидејќи, за дел од нив беше неразумно општинските административци да плаќаат поевтин превоз од студентите.

    „Сега за вработените во Општина Тетово месечен билет чини 450 денари, а додека студентите треба да плаќаат 600 денари. Нашата реакција е дека студентите треба да имаат приоритет. Исто така, баравме да има категорија автобуски билети за семејства кои имаат месечни приходи не повисоки од 250-300 евра, но мнозинството тоа не го прифати“, изјави Бесар Дурмиши од опозициската БЕСА.

    Според донесената одлука, билет за едно возење во градскиот превоз ќе чини 20 денари, а се воведени и месечни билети според категории, па така основен месечен билет изнесува 900 денари, за студенти и јавни службеници цената е 600 денари, додека за вработените во Општина Тетово месечниот билет чини 450 денари. Пензионерите и лицата со полесна попреченост ќе можат да земат месечен билет за 350 денари, а за оние лица кои се со над 80% попреченост превозот ќе биде бесплатен.

    Иако автобусите конечно се набавени и денес е утврден ценовникот за билетите, ЈП „Тетово транспорт“ се уште не може да започне со превоз на патници.

    „Денес се усвои ценовникот и сега продолжуваме со технички и административни процедури кои се со законски рокови кои треба да се почитуваат. Исто така, Советот на Општина Тетово автобусите треба да ни ги предаде на користење, па тие да добијат лиценца и дури потоа да прејдеме на нивна оперативност“, вели Фејсел Беадини, в. д. директор на ЈП „Тетово транспорт“.

    По неколку години откако Општина Тетово донесе одлука да се формира јавен превоз во градот, пред една недела конечно беа набавени 5 современи автобуси кои сѐ уште чекаат да бидат вклучени во јавниот превоз во градот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира