СТРУМИЧКИТЕ АКТЕРИ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ АКО НЕ СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ИЗБОРОТ ЗА ДИРЕКТОР НА ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА

    СТРУМИЧКИТЕ АКТЕРИ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ АКО НЕ СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА ИЗБОРОТ ЗА ДИРЕКТОР НА ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРААктерите регираат дека со институциите треба да раководат културни работници, а не партиски кадри. (Фото: СДК.МК)

    Струмичките актери најавија непослушност и протести, ако министерката за култура Ирена Стефоска не го поништи изборот за директор во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица. Актерите денеска разговараа со Стефоска во Министерството за култура и  уште еднаш го изразиле своето незадоволство од изборот, при што на министерката ѝ укажале дека со вакви институции треба да раководат културни работници, а не лица кои немаат допирни точки со културата.

    Актерите се незадоволни по изборот на Васил Бубев за директор, кој во моментов е директор на градинките, а претходно работел како професор по физичка култура во ОУ „Гоце Делчев’“ во Василево. Актерите бараат од министерката Стефоска да го поништи конкурсот, бидејќи одбиени беа магистер по културен менаџмент и актер со речиси 30-годишно искуство.

    Дали ќе се поништи изборот или ќе остане Бубев ќе се знае в понеделник, до кога си дале време двете страни да се надмине проблемот.

    „Си дадовме време да го најдеме најдоброто решение во интерес на драмскиот ансамбл и Центарот за култура во Струмица. Им благодарам што со нивната гласност ми помагаат и мене и на сите културни работници во земјата, новиот Закон за култура кој е во процедура што побрзо да биде донесен, бидејќи во тој закон меѓу новитетите е и еден од условите за станување раководител на институција, а тоа се високите стручни квалификации во областа“, рече министерката Стефоска.

    Актерите од Струмичкиот театар завчера покренаа и иницијатива „Фискултура или култура“ за поништување на изборот за директор. На неа се потпишале над 260 културни уметници, а побараа да се престане со именување партиски кадри за раководители во културни институции.

    „Нашата позиција како иницијативен одбор е дека не отстапуваме од барањето да се поништи изборот односно да се отповика поставениот директор. Ако до понеделник работите не одат во насока на нашата ултимативна цел да биде сменет поставениот директор, ќе пристапиме кон порадикални мерки како непослушност и протести“, рече актерот Стојан Велков.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира