Собранието не ја прифати интерпелацијата за работата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, откако непосредно пред полноќ, по целодневна расправа, „за“ гласаа 53 пратеници, а „против“ беа 55.
Во неколку наврати, одговарајќи на обвинувањата од опозициските пратеници, кои му ја поднесоа интерпелацијата, Димитров кажа дека се чувствува како пожарникар ставен во позиција да му се правда на пироманот. За пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, кој е претседател на Комисијата за надворешни работи, рече дека станува збор за човек што е демантиран речиси секојдневно од земји-членки на Европската Унија, поради шпекулации по социјалните медиуми.
- ВИЕ СТЕ ИНКВИЗИТОР ОД СРЕДЕН ВЕК, МУ ОДГОВОРИ ДИМИТРОВ НА АПАСИЕВ, КОЈ ГО ОБВИНИ ДЕКА Е ШПИОН НА ЦИА
- МИЛОШОСКИ ЛАЖЕ, ЈАС НЕМАМ ВРЕМЕ, НИ ЖЕЛБА ДА УЧЕСТВУВАМ ВО НЕГОВИОТ КАРТОНСКИ ТЕАТАР, КАЖА ДИМИТРОВ ВО ОДГОВОРОТ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА
Димитров побара од опозицијата наместо да прави сопки, да помогне, но на крајот рече и дека ќе нè биде и покрај сите пречки.
„Не ми ја отежнувајте работата со постојани саботажи. Баталете ме мене, ама тоа не е добро за институцијата со која раководам, не е добро за народот и државата, а на крајот, не е добро ни за вас. Ќе завршам со цитат од првата интерпелација: ‘Ценам дека е време за делување без предрасуди, при што плиткиот национализам треба да биде заменет со визионерски патриотизам’. Јас ќе продолжам со мојата мисија – да не’ биде и ќе не’ биде, и покрај сите пречки, вклучувајќи ги тука и вашите најдобри напори“, кажа Димитров на крајот од расправата, пред гласањето за интерпелацијата.