Три недели стоеше потонат автомобил во бара крај регионалниот пат Могила-Битола откако излетал на 14 јануари поради голомразица и нетретирање на патот со сол и ризла, тврди сопственикот Васко Јосифовски. Возачот успеал да се извлече, а барата длабока неколку метри го проголтала целото возило. Автомобилот бил извлечен дури вчера со помош на Горската служба за спасување и нуркачот Александар Ацев од спелеонуркачкиот клуб „Врело“.
„На 14 јануари, на минус 17 Целзиусови степени, беше голомразица, а местото каде што излета возилото е целосно необезбедено. Јамата се наоѓа на метар до самиот коловоз, без никаква заштита, на кривина после мовче. Патот не беше третиран за голомразица или снег. По час и половина од излетувањето на возилото, фрлија песок“, изјави Јосифивски.
Тој додава дека ургирал кај дирекции и служби за да го извлечат автомобилот. Апелира да се стават знаци за вакви опасни места и коловозите редовно да се одржуваат при снег и мраз.
Од Горската служба за спасување соопштија дека вчера добиле повик од градоначалничката на Општина Могила Јасмина Гулевска да помогнат во извлекување на возило што излетало од патот и пропаднало во длабока вода. Тие веднаш подготвиле тим со нуркачи и за кратко време успеале да го извлечат возилото.
Ж. ЗДРАВКОВСКА