Словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок се надева дека пандемијата на коронавирус нема да влијае на процесот на проширување на Европската унија. Корчок, на денешната прес-конференција со македонскиот колега Бујар Османи за време на неговата посета на Скопје, кажа дека Словачка ќе биде конструктивен партнер во напорите да се постигне консензус меѓу 27-те членки на ЕУ за да може Македонија да ги почне пристапните преговори.
„Пандемијата нe погоди сите. Нема земја што не е погодена. Сепак, не смееме да си дозволиме пандемијата да нe спречи да го направиме она што е исправно за Европска унија, кога станува збор за проширувањето. Пандемијата не може негативно да влијае на тоа како оценуваме дали земјите ги исполнуваат условите. За да продолжите со овој процес потребен е консензус на 27 земји членки и сигурен сум пандемијата не може да нe спречи да го постигнеме овој консензус за време на португалското претседателство. Северна Македонија направи многу, ние сме блиску, потребен е консензус, а Словачка ќе биде конструктивен партнер во напорите да го најдеме“, кажа словачкиот министер.
Корчок рече и дека Словачка ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија поради две причини. Заради тоа што тоа е наш избор и заради тоа што нашиот прием во ЕУ и во нивен интерес.
„Словачка е веќе 16 години земја членка и се смени оттогаш многу и на подобро. Ве охрабрувам да продолжите со реформите зошто тоа е најдобар избор, и не го правите тоа за бирократијата во Брисел, туку за вашите граѓани“, рече Корчок.