Арлинд Хусеини деновиве е именуван за нов директор на Националната установа Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово. Во јавноста Хусеини е познат како спортски работник. Тој е основач и тренер во карате клубот „Фати“ Тетово од 2001, и е селектор на карате репрезентација за постари јуниори од 18 до 21 година. Дипломирал на Факултетот за физичка култура, а е магистер по спортски менаџмент.
Тоа што е назначен за директор на една установа од областа на културата, како што вели, за него не било пречка бидејќи веќе 8 години работел како шеф на кабинетот на државениот секретар при Министерството за култура.
Хусеини вели дека неговата натамошна активност претежно ќе биде насочена кон довршувањето на изградбата на новиот театар и библиотека.
„Мојата насока на работење во Центарот како раководител е работите да одат на подобро, пред сѐ имајќи во предвид дека ние како Центар сме одговорни и за процесот на изградбата на новиот театар и библиотека. За првата фаза од нивната изградба, која е веќе завршена, се потрошени над 13 милиони евра. Сега се чека во Владата да помине процедурата за за да се одобрат средства за втората фаза од изградбата. Со неа се предвидува целосно внатрешно опремување на објектот за што се предвидува да се потрошат дополнителни 26 милиони евра. Овој голем национален проект се планира да се заврши за 3 до 4 години“, изјави Хусеини.
На конкурсот за ова директорско место се јавиле 4 кандидати од кои двајца биле одбиени бидејќи не ги исполнувале условите од конкурсот.
Директорот во Тетово е втор случај за изминатиов период, спортски работник да биде именуван за директор на културна институција. Актерите од Струмичкиот театар се незадоволни по изборот на Васил Бубев за директор на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, кој во моментов е директор на градинките, а претходно работел како професор по физичка култура во ОУ „Гоце Делчев’“ во Василево. Актерите бараат од министерката за култура Ирена Стефоска да го поништи конкурсот, бидејќи одбиени беа магистер по културен менаџмент и актер со речиси 30-годишно искуство.
Тие ја основаа иницијативата „Фискултура или култура“ за поништување на изборот за директор. На неа се потпишале над 260 културни уметници, а побараа да се престане со именување партиски кадри за раководители во културни институции. Струмичките актери и минатата недела, и вчера, најавија непослушност и протести, ако министерката за култура Ирена Стефоска не го поништи изборот за директор во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.
З. АНДОНОВ