Дел од жителите на Велес реагираат на превисоките сметки за потрошена електрична енергија што ги добиле при крајот на јануари. Тие биле неколку пати повисоки од оние за декември. Еден потрошувач кој плаќал 4.000 денари добил сметка од 14.000, а на друг сметката му пораснала од 6.000 на 16.000 денари.
„Живеам сам и кога видов дека треба да платам 14.000 денари за струја, не можев да верувам. Веднаш реагирав во ЕВН во Велес и ми понудија да платам на рати. Што има да плаќам на рати, кога не сум потрошил толку. Потоа им ја пратив актуелната состојба и еве, уште чекам да добијам нова коригирана сметка. Очигледно никој не поминал да ги прочита броилата“, вели жител на месноста Дворови.
Дополни дека многу познаници од улицата во која што живее, но и пошироко, биле да реагираат во ЕВН за добиената сметка.
Од ЕВН информираа дека нивна законска обврска е читањето на броилата да биде еднаш годишно, а не секој месец.
„И покрај тоа што законски е пропишано читањето на броилата да се врши еднаш годишно, екипите на Електродистрибуција го прават тоа секој месец. Врз основа на податоците за потрошувачката што се добиваат при отчитување на броилата, секој месец се изготвува фактура за секој корисник поединечно. Отстапка од овој работен процес се прави само кога корисникот е отсутен или ги спречува нашите екипи, поради непристапност до мерното место поради тешки временски услови, годишни одмори… Отчитување е можно во секој момент и во секое време и со далечинските броила“, велат од ЕВН.
П. ПЕЧКОВ