ОВОЈ ВРЕМЕПЛОВ ПОКАЖУВА КОЛКУ БОГАТА РОК СЦЕНА СМЕ ИМАЛЕ ОТСЕКОГАШ, КАЖА ТОШО ФИЛИПОВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА СВОЈАТА НОВА КНИГА

    ОВОЈ ВРЕМЕПЛОВ ПОКАЖУВА КОЛКУ БОГАТА РОК СЦЕНА СМЕ ИМАЛЕ ОТСЕКОГАШ, КАЖА ТОШО ФИЛИПОВСКИ НА ПРОМОЦИЈАТА НА СВОЈАТА НОВА КНИГАФилиповски во еднодецениското истражување дошол до 4.000 датуми од домашната рок сцена (Фото: Г. Конев)

    По „Македонска рок енциклопедија“ и „Македонска дискографија-винили 1958-2019“, долгогодишниот музички новинар и хроничар Тошо Филиповски го објави третото капитално дело за домашната музичка сцена за период од неполни четири години. Во „Македонски рок времеплов“, тој издвои стотици значајни датуми за македонската рок сцена и преку хронологија на луѓе, концерти, албуми, па дури и локални настани укажува на тоа колку таа всушност била и сѐ уште е богата.

    „Внатре ставив дека ова е прв том кога сфатив дека приказната со забележување датуми не може да биде завршена. Музиката и културата се живи процеси и цело време нешто се создава. Некои идни генерации можеби ќе ја продолжат оваа приказна“, кажа Филиповски на промоцијата на книгата.

    Иако вели дека оваа книга најбрзо ја напишал, за пет-шест месеци, тоа уследило по истражувањето кое траело повеќе од една деценија и потоа се нашол во дилема што сѐ од собраните материјали треба да влезе внатре.

    „Од 4.000 датуми што ги имав предвид за книгата, приказната ја скратив на 1.200 со опис и уште 300-400 како кратка информација за настанот. Гледав биографиите и описите да не бидат подолги од десет реда. Нема ден во годината да нема барем три настани. Има денови кога имало и по 20 настани, па морав субјективно да решам што е битно, а што не е и може да почека некоја следна прилика“.

    Тој забележува дека рок сцената најчесто се игнорира во времеплов емисии, па тоа го мотивирало да ја напише книгата.

    „Ова се настани и луѓе кои ја дефинирале македонската рок сцена. Мислам дека во 95% случаи сум точен во датумите, што понекогаш беше навистина тешко да се потврди, особено за настани од 1970-ите и 1980-ите“, вели Филиповски.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира