ЅВОНКО КОСТОВСКИ ПРИСЛУШУВАЛ, А НЕ МИЈАЛКОВ И ГРУЈЕВСКИ, КАЖА ОДБРАНАТА ВО ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    ЅВОНКО КОСТОВСКИ ПРИСЛУШУВАЛ, А НЕ МИЈАЛКОВ И ГРУЈЕВСКИ, КАЖА ОДБРАНАТА ВО ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Во 20.35 часот заврши рочиштето за завршни зборови, судијката Џенета Бегтовиќ закажа за 26 февруари пресуда. (Фото: МИА/принтскрин)

    Ѕвонко Костовски е тој што уфрлувал телефонски броеви во системот за прислушување во УБК и тие разговори потоа ги изнесувал и складирал надвор од МВР, а не Сашо Мијалков, Надица Николиќ, Горан Грујевски и останатите обвинети во „Тврдина-Таргет”, кажа одбраната на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков вечерва во завршните зборови во базичниот предмет на СЈО „Тврдина-Таргет”. Според одбраната, се прислушувале граѓани и надвор од УБК. Таа кажа дека под контрола на раководството, во УБК биле следени комуникации на граѓани само со судски налог.

    „Зарем некој е толку неинтелигентен да прави прислушување од таков размер, а да го остави Ѕвонко Костовски внатре и да дозволи тоа да излезе во јавноста“, рече адвокатот на Мијалков Петар Василев.

    Другиот адвокат Миле Петровски рече дека нема ниту еден доказ оти Мијалков го наредил масовното прислушување, ниту пак дека бил организатор на злосторничката група која прислушувала, заедно со Надица Николиќ и избеганиот Горан Грујевски.

    Не постои ниту еден доказ дека издал и една наредба Мијалков да се прислушува лице надвор од законот, рече адвокатот.

    Одбраната побара судот да не го уважи како валидно сведочењето на Ѕвонко Костовски, бидејќи самиот тој прислушувал, но и вешто манипулирал, според неа, со лажни информации и полувистини.

    Адут на адвокатите им е и изјавата на Зоран Верушевски, кој како сведок на едно од рочиштата, дојде и кажа контра обвинението, дека разговорите кои ѝ беа пуштени на јавноста, биле менувани, т.е. компромитирани.

    За Петровски неточно е и тврдењето за бројот на следените лица и за обемот на прислушувањето.

    „Целосно е недокажано обвинението дека биле следени толку многу лица за да се оствари разна корист – политички или бизнис цели. Костовски сам го правел тоа. Тој имал мотив да прислушува многу граѓани, а не пријавил до никого кога дознал дека Горан Грујевски прислушува“, го обвинуваше Петровски натаму сведокот-соработник на обвинителството Костовски.

    Третиот адвокат на Мијалков Љупчо Шврговски, се повика на аболицијата дадена од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кој ги амнестира Мијалков, Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски.

    Тој ја спореше и надлежноста на обвинителите од поранешното СЈО, а сега од Скопското обвинителство Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов, со само еден потпис од Државниот јавен обвинител Љупчо Јовески. Ја спореше и истечената лиценца, како што кажа, на вештакот на Обвинителството.

    Пред Мијалков завршни зборови на одбрана дадоа и Тони Јакимовски и Надица Николиќ. И тие, како и адвокатите на Мијалков, тврдеа дека се целосно невини и дека треба да бидат ослободени од обвинението.

    За разлика од Мијалков, во чие име цел ден зборуваа адвокатите, тие иако им се исто така бранители, ги оставија на крајот завршни зборови да си дадат обвинетите вработени од УБК сами.

    Во 20.35 часот заврши рочиштето за завршни зборови, судијката Џенета Бегтовиќ закажа за 26 февруари пресуда за обвинетите во „Тврдина-Таргет”, судски процес кој почна на крајот на 2017 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира