ПОЛИЦИЈАТА УШТЕ ГО БАРА МИЈАЛКОВ, ДОПРВА ЌЕ РАСПИШУВА МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА

    ПОЛИЦИЈАТА УШТЕ ГО БАРА МИЈАЛКОВ, ДОПРВА ЌЕ РАСПИШУВА МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦАМијалков на судење за масовното прислушување. (Фото: СДК.МК)

    По целоноќна потрага по обвинетиот во предметот за масовното незаконско прислушување Сашо Мијалков, тој, како што информираше утринава кусо МВР, сè уште не е најден.

    Судот му одреди мерка куќен притвор на Сашо Мијалков. Преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање. Распишана е национална потерница. Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница.“, вели МВР.

    Мијалков е пред пресуда во „Тврдина-Таргет”. Неделава треба да биде соопштена од страна на судијката Џенета Бегтовиќ од Основниот кривичен суд Скопје.

    Мијалков е обвинет и во „Тортура“ и „Трезор“, а следниот месец завршува вештачењето за големата истрага „Империја“, каде што заедно со Орце Камчев, осомничен е за перење пари.

    Од судот во меѓувреме соопштија дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција вчера во 15:00 часот до Основниот кривичен суд Скопје, доставило предлог за определување мерка притвор против Сашо Мијалков заради постоење на сомнение за евентуално бегство.

    Судот донел решение со кое на обвинетиот му е определена мерка куќен притвор со 24-часовен надзор и во 18:30 часот решението било испратено до МВР како надлежни за понатамошно постапување.

    „Во однос на сите медиумски прашања, судот во текот на вчерашниот ден, имајќи ја предвид итноста на постапувањето и почитувајќи ги надлежностите на Јавниот обвинител и МВР, не ги коментираше шпекулациите и непотврдените информации во однос на постапката се со цел на наштети на истата, за што бараме разбирање од новинарите“, велат од судот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира