ЛЕТОВО ЌЕ СТАРТУВА ПРОДОЛЖУВАЊЕТО НА БУЛЕВАРОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ ДО ДРАЧЕВО, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ЛЕТОВО ЌЕ СТАРТУВА ПРОДОЛЖУВАЊЕТО НА БУЛЕВАРОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ ДО ДРАЧЕВО, ВЕЛИ ШИЛЕГОВОвој потег од Скопје секојдневно го користат околу 70.000 граѓани од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Студеничани, Батинци, Зелениково, Долно Лисиче... (Фото:Град Скопје)

    Булеварот Борис Трајковски ќе се продолжува до населбата Драчево. Советот на Град Скопје денеска донесе одлука за изменување на програмата за уредување на градежно земјиште, со што се предвидува улицата од Пинтија до Драчево да стане булевар како делот во населбата Кисела Вода.

    Градоначалникот Петре Шилегов вели дека годинава Градот ќе заврши со исплатата на кредитот за изградбата на делницата во Кисела Вода и тоа отвора просторот и финансиски можност да се почне реализацијата на потегот од Пинтија до Драчево, кој сега е тесно грло во Скопје.

    „Градот има проект и наскоро ќе биде распишан тендер за избор на фирма изведувач што значи дека летово ќе стартуваме со градежните работи. На овој потег потребно е да се изврши експропријација за што ќе бидат потребни околу еден милион евра. Целиот проект очекувам да чини околу 4 милиони евра и со тоа ќе се реши метежот во овој дел од градот“, вели Шилегов, додавајќи дека нема да зема кредит туку со средства од буџетот на Градот.

    Станува збор за потег во должина од над 2 километри. Според проектот сообраќајница ќе добие 4 сообраќајни ленти, пешачки и велосипедски патеки, модерно и енергетски-ефикасно јавно осветлување, како и дополнителна комунална инфраструктура.

    Овој потег од Скопје секојдневно го користат околу 70.000 граѓани од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани.

    Некогашната улица Првомајска, а сега булевар Борис Трајковски на потегот од Рампа до Пинтија беше проширена во три фази за време на двата мандати на ексградоначалникот Коце Трајановски. За овој проект Градот тогаш зема кредит од 4 милиони евра од ЕБОР.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира