На 4.525 метри квадратни на просторот кај ресторанот и дискотеката „Парк“ во Охрид ќе се гради нов хотел. Според одобрението за градба од 2018, инвеститорот, градежната фирма „Ремис“, ќе гради хотелски комплекс од приземје три ката и поткровје. Викендот, граѓанската иницијатива Охрид СОС реагираше дека на ова место ќе се урива постоечкиот овој специфичен објект што е дело на реномиранот охридски архитект Павел Балабанов, кој за него го доби специјалното признание на Биеналето на македонската архитектура во 1989.
„Запрашан за најомилено свое архитектонско чедо, Балабанов го издвојува ресторанот ‘Парк’, од причина што креативниот процес бил највозбудлив. Дали навистина ќе се урива репрезентативен објект, дел од охридското архитектонско наследство на 20 век чиј габарит и висина беа вклопени во опкружувањето?“, реагираше Охрид СОС.
„На овој потег донесена е урбанистичко-планска документација во 2009 година и отпочната е постапка за добивање одобрение за градба согласно Генералниот урбанистички план за крајбрежје кој што бил важечки тогаш. Издадено е одобрение за градба на хотелски комплекс, приземје, три ката и поткровје во јуни 2018 година, при што се запазени сите тогашни важечки законски процедури и постапки. Одобрението е правосилно и согласно тоа одобрение, таму може да се гради“, вели градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
Хотелскиот капацитет ќе биде на 40 отсто искористеност на парцелата од целокупната градежна парцела од 9.748 метри квадратни. Според Планот за управување, потегот се наоѓа во трета Д-зона, таму каде нема урбанистички план каде е дозволена градба на 40 отсто и приземје и три ката. Иако одалеченоста на површината е 50 метри од Охридското Езеро тоа е во согласност со одобрената урбанистичко-планска документација донесена во 2009 и Законот за заштита на светско природно и културно наследство на Охридскиот Регион од 2010, кој предвидува да се побара мислење од Комисијата за управување со светско природно и културно наследство формирана во 2018.
Георгиевски вели дека Општината нема правен основ да интервенира во одобрение и проект кој што биле во постапка пред носење на Планот за управување со Охридскиот Регион.
„Планот за управување е донесен во февруари 2020 и не може ние да постапуваме спротивно на правосилни одобренија кои се издадени согласно позитивните тогашни законски прописи. Планот за управување требало да биде донесен во 2010, кога се донесе Законот за заштита на Охридскиот Регион. Урбанистичката документација е донесена и пред носењето на Законот за заштита на Охридскиот Регион, во 2009“, вели Георгиески.
Градоначалник потенцира дека сите нови урбанистички планови се усогласуваат со Планот за управување, но треба да се забрза процесот на усогласување на Деталните урбанистички планови. Најави во април носење и на Генералниот урбанистички план за Охрид.
„На следниот Совет на Општина Охрид ќе се донесе првиот урбанистички план кој е комплетно усогласен со Планот за управување со Охридскиот Регион, тоа е 8-3 Бејбунар, план кој беше поништен 2013 година. Сега е изработен, усогласен согласно препораките, добивме позитивно мислење од Комисијата за спроведување на Планот за управување на УНЕСКО, доби позитивно мислење од Министерството за транспорт и врски и сега е на Советот на Општината. Тие постапки треба да ги направиме за сите урбанистички планови и работиме забрзано. Сега во моментов, го усогласуваме Генералниот урбанистички план за град Охрид кој е во постапка од 2013 година. Проблем беше што Министертвото за образование не даваше позитивно мислење но тоа се реши и ни даде позитивно мислење затоа што Угостителското училиште остана на локација каде што е. Сега се надевам во април ќе го донесеме и Генералниот урбанистички план, по што ќе можеме да носиме повеќе детални урбанистички планови“, вели Георгиески.
С. ВРЕНЦОВСКА